По одлука на Управниот одбор на Стопанската комора на Северна Македонија, се одржа конститутивна седница за формирање на Националната асоцијација на туроператори и туристички агенции на Република Северна Македонија – НАТТА на која се избраа органите и формите на делување.
На седницата согласно Правилата за работа на Асоцијацијата, усвоен е предлогот за членови на Управен одбор во состав од 5 члена (Асим Меџедовиќ, туристичка агенција “Фибула“ претседател, д-р. Кристијан Џамбазовски од туристичка агенција “Бохемија” и хотел “Амбасадор“, потпретседател на НАТТА, Александар Кузманоски, туристичка агенција “Симониум травел“, Тихомир Пиневски „Пине Холидејс“,Ана Таневска Ѓорѓиевска, „Македонијатурист“ АД Скопје), со мандат од 4 години. Претседателот на Управниот одбор ќе управува со активностите на Управниот одбор и ќе ја претставува Асоцијацијата пред државните институции, советодавните и стручните совети, другите национални и меѓународни организации.
На конститутивната седница беа оформени четири стручни работни одбори за кои беа избрани претседавачи и тоа: одбор за иницијативен (outgoing) туризам со кој ќе раководи Асим Меџедовиќ од туристичка агенција “Фибула“, одбор за рецептивен (incoming) туризам за кој е одговорен Александар Кузмановски од туристичка агенција “Симониум травел“, одбор за конгресен туризам под коориднација на Ана Таневска Ѓорѓиевска од “Македонија туризам” и одбор за сообраќај, младински туризам и екскурзии со кој ќе раководи Тихомир Пиневски од туристичка агенција “Пине Холидејс”. Со ова конечно туристичките агенции ќе се стекнат со адреса за обраќање каде ќе добијат соодветна поддршка од високопрофесионална и активна членска мрежа на туристички агенции, која ќе работи на принципот на лојална конкуренција со цел за континуирано подобрување на условите за работа во туристичката и агентска дејност како и подигање на стандардот на услугите и зголемување на конкурентноста на дестинацијата на меѓународниот пазар на туризмот.
Основањето на Национална асоцијација ќе допринесе за организирано дејствување преку редовни годишни состаноци на кои ќе се дебатира за тековни прашања и ќе се креираат долгорочни политики и стратегии со што ќе се постави како најавторитетна професионална структура, претставник на македонските агенции и туроператори која ќе заземе активно учество во меѓународните асоцијации од овој тип.
Во услови на препознавање на туризмот како брзо растечка дејност, но и дејност која во нормални услови (пред корона кризата и последните случување во светската економија), може да обезбеди брз раст и значаен придонес во домашната економија, како и фактот што дејноста врзува раст на други 15 дејности истовремено, во услови на зголемен број на туроператори и туристички агенции кои работат а кои се многу силно погодени по кризата со корона вирусот, се наметнува потребата од асоцијативно делување на компаниите од дејноста на туристички агенции и туроператори.
Мисијата на НАТТА е да помогне во создавање на потребните услови за развој на модерна, конкурентна, општествено одговорна и одржлива туристичка индустрија, поставена на професионална основа во која членките ќе ги уживаат придобивките од членството добивајќи соодветна заштита на нивните интереси пред, владата и другите институции. Ова пред се поради фактот што и во рамки на КИФ, се поинтензивно се работи на дефинирање заеднички туристички активности, тури, настани, што ќе овозможи здружено претставување и заштита на интересите и правата на компаниите од туроператорска и агенциска дејност пред институциите и Владата. Конституирањето на НАТТА ќе овозможи соработка со меѓународни асоцијации, чекор со меѓународните трендови и технологии во дејноста, рамноправен и конкурентен однос спрема компаниите од соседството и европските држави и зголемено присуство на македонските туристички агенции на меѓународниот пазар на туризмот.
Воедно формирањето на Националната асоцијација конечно дава можност на сите туристички агенции да се обратат на адреса каде дејноста добива заслужен третман.